Стравот – дали ќе ве парализира или ќе ве турне напред?
Можеме да избереме да го почувствуваме стравот и да запреме на патот или да го почувствуваме стравот и смело да продолжиме напред.
Додека се враќав дома пред некој ден, во автомобилот го слушав возбудениот радио водител како ги чита најновите вести од светот. Зборуваше за војна, инфлација, задолжителното носење на маски, криминал, корупција и можеби дури и за мачка која не можела да се симне од дрво! Размислував за сите оние работи за кои не слушаме во вестите секој ден. Кој зборува за чудата на човечката природа или за неверојатните научни откритија кои се прават секојдневно? Ништо не слушнав за милионите успешни приказни што нѐ опкружуваат, ниту за некои значајни достигнувања. Всушност немаше ништо охрабрувачко, инспиративно или позитивно.
Додека слушав, почувствував како во мене почнува да се насобира мала нелагодност. Би било лесно да им дозволам на сите овие негативни вести да влијаат на мене, да ми одземат дел од расположението и да го претворат прекрасниот ден во нешто не толку позитивно.
Ве молам, немојте да мислите дека сум следниот кој ќе ги коментира медиумите и како тие ни изнесуваат вистини и мислења. Не е така. Се разбира, и јас го гледам истото како вас, ги слушам истите работи како вас, и во моментот во светот се случуваат многу работи кои не ми допаѓаат. Но, денес не можеме да ги промениме. Не можем да ги запреме војните, да ставиме крај на пандемијата, да ги излекуваме болните или пак да го принудиме сонцето да изгрее. Но можеме да одлучиме како ќе реагираме на тоа што нѐ опкружува. Ете тоа можеме да го контролираме. Можеме да избереме да го почувствуваме стравот и да запреме на патот или да го почувствуваме стравот и смело да продолжиме напред.
Библиотеки со книги и денови на подкасти се посветени на обидот да се добие подобро разбирање на стравот. Можеби се сеќавате на книгата на покојната д-р Сузан Џеферс „Се плашам… и сепак ќе го направам“. Во неа таа пишува: „ако се надеваме дека ќе престанеме да се плашиме пред да се обидеме да го направиме тоа што нѐ плаши, може да чекаме цела вечност; движењето напред е единствениот начин да се избрише стравот.“
Стравот е навистина интересна емоција. Може да нѐ совлада во секое време. Може да е оправдан или целосно неразумен. Мислам дека досега сите сфативме дека животот не е розов. Но, она што тој дефинитивно претставува е возбудлива таписерија од застрашувачки моменти, испрекинати од моменти на мир. Прашањето е дали ќе дозволиме стравот да нѐ парализира, или да нѐ турне напред? Стравот може да биде неверојатен мотиватор, сила која нѐ турка надвор од границите на нашиот ум. Но во други моменти истиот тој страв може целосно да нѐ парализира и најлесните задачи да нѝ се чинат непремостливи. Сум видел како стравот движи пријател во градењето на успешна бизнис империја. Сум видел и да не му дозволува на млад човек дури и да стане од леглото.
Се разбира дека не зборувам за опасни по живот ситуации, душевни болести, малтретирање или физичка повреда. Мислам на оние моменти кога се плашиме да зборуваме со некого, да се видиме со луѓе, да се јавиме по телефон, да раскажеме за производ, да се качиме на авион, да одиме на Глобалното рели или дури да поканиме некого на состанок! Вo такви случаи треба да се исправиме, да ја зацврстиме нашата решителност, да го прифатиме стравот и да земеме полн замав. Ако го направиме тоа, ќе почувствуваме воодушевување од надминувањето на стравот и од успехот. Исто како дете кое учи да вози велосипед. Кога конечно ќе ги крене нозете, ќе ги заврти педалите и ќе го почувствува напливот на движењето и слободата – слободата која му ги отвара вратите на светот за уште повеќе авантури.
Затоа следниот пат кога ќе одите дома, направете како мене и исклучете ги гласовите што се обидуваат да ве исплашат, заменете ги со омилената музика, отворете ги прозорците и пејте на цел глас!
Бидете истрајни,
Грег Мон
Претседател на Форевер Ливинг Продактс